Видео записот за божиќната каланда – коледарска песна „Христос се роди денес“, е веќе во завршна фаза. Се очекува пред самиот празник, видео спотот да биде пуштен во јавноста, информираат на својата веб страница од Бигорскиот манастир.
Песната е во изведба на Верче Милошевска и традицискиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Режијата, монтажата и продукцијата на видеото е на Даниел Јовески. Песната е снимена во студиото „Фаме’с“.
Од Бигорскиот манастир наведуваат дека во севкупното остварување на овој проект учествуваа над 80 луѓе, меѓу кои познатите македонски актери: Јоана Поповска, Дубравка Киселички, Владо Јовановски, Горан Илиќ, Љупчо Бојковски, Владо Дојчиновски. Костимографијата ја направи Жаклина Крстевска Караѓозоска, а за шминката се погрижија Викторија Бурсак и Маргарита Миновски.
Каландата „Христос се роди денес“ е продолжение на процесот за возобнова на древните божикни традиции, со кои побожно се славело Рождеството Христово. Пеејќи ги Божикните каланди, верниците, особено најмладите, на Бадник го објавувале насекаде со радосно ликување доаѓањето на Божјото Слово на земјата. Но, во тоа празнично возвестување учествувале, се разбира, и возрасните, кои често, организирани во групи заедно со неколку музичари, попладнето на Бадник, оделе од куќа на куќа и пееле каланди. Годинешниов спот го прикажува токму тоа, информираат од Бигорскиот манастир.