Црногорскиот репрезентативец Мирко Радовиќ ќе биде дел од експедицијата која ќе настапи на Европското првенство овој јануари.
Добрите игри во Еурофарм Пелистер му овозможија повик во својата репрезентација, а 29-годишникот вели дека во Битола езадоволен од личен и од професионален аспект.
„Игравме Лига на шампиони и се покажавме во вистинското светло. Ни фалеше среќа да влеземе во второто коло, иако табелата тоа не го покажува, бидејќи во почетокот врзавме три порази со еден гол разлика. Општо, ситуацијата во клубот е супер, сакаме да растеме од година во година, владее одлична атмосфера. Клубот за прв пат играше во Лигата на шампионите, имавме неколку победи на домашен терен и ги развеселивме навивачите. И на лично ниво, задоволен сум, играв многу, и се чувствувам како дома. Битола живее за ракомет“ , вели црногорското десно крило.
Групата А ќе биде исклучителен предизвик за Црна Гора, која ќе игра против Белорусија, Србија и фаворизираната Хрватска.
Првенството започнува на 10 јануари, а ќе заврши со големото финале и мечот за златен медал на 26 јануари.


