Наќе Чулев нов технички министер за внатрешни работи

Наќе Чулев официјално e предлогот на ВМРО ДПМНЕ за нов миинистер за внатрешни работи во техничката влада.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски не сакаше да го соопшти на денешната прес конференција и рече дека за тоа телефонски најпрвин ќе го информира премиерот Заев.  Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека Чулев е нивниот предлог.

Лидерот на партијата Мицкоски и денеска посочи дека станува збор за личност која е надвор од партиските кругови но и како што рече нема да дозволи до утре да не биде формирана новата техничка влада која ќе има за задача да ги спроведе изборите.

Од СДСМ  се согласуваат со новиот предлог. Во краткиот одговор наведуваат:

„Со овој предлог на ВМРО ДПМНЕ не се крши Уставот и не станува збор за воено или униформирано лице и не е под обвинение. Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна Влада која треба да ги спроведе изборите на 12 ти април.“

Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии, при Филозофски Факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје. Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.

Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија.

Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана.

Тој, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

Претходно во периодот од 2013-та до 2017-та година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017-та до 2019-та генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017-та година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција од 2003-та до 2007-ма година. Наќе Чулев има 47 години, роден е во Кавадарци.