Австралиските власти ги повикаа туристите да ги напуштат туристичките места на југо-источниот брег на Австралија во рок од 48 часа, бидејќи се очекува нов топлотен бран во сабота, погоден за ширење големи пожари што ја опустошија земјата во последните неколку недели.
Илјадници луѓе започнаа да ја напуштат областа и долга колона возила се протега по автопатот што води кон Сиднеј.
Голем број туристи поминаа две ноќи на места без електрична енергија и комуникација и проблеми со снабдување со храна. Сепак, властите успеаја да обезбедат неколку правци за да заминат.
Евакуацијата на зоната забранета за туристи ќе биде најголемата досега извршена во областа, изјави министерот за транспорт на Јужен Нов Велс, Ендру Констанс, за телевизијата АБЦ.
Пожарите кои излегле надвор од контрола, убиле најмалку осум лица во последните 48 часа, уништувајќи стотици хектари шума на првиот ден од новата година. Многу туристи се заробени во крајбрежните градови опкружени со пожари.
Противпожарната служба на Јужен Нов Велс, најтешко погодена од пожарите во Австралија, утрово побара од туристите да ги напуштат местата во крајбрежната зона на 200 километри од живописниот град на Заливот на Батеман на југ и Викторија.
Туристите треба да заминат пред сабота, што ќе биде „опасен ден“ со засилен ветер и температури над 40 Целзиусови степени. Овие се идеални услови за пожари.
Помошникот директор на државната противпожарна служба, Роб Роџерс, рече дека пожарникарите не можат да ги изгасат дури и да ги контролираат пожарите што сега се палат.
„Пораката е дека има толку многу пожари во околината што не можеме да ги задржиме. Само треба да се осигураме дека никој друг не е на нивниот пат“, рече тој.
Уништени се повеќе од 400 домови во последните неколку дена, а се верува дека овој број ќе се зголеми.
Воени бродови и авиони беа испратени да им помогнат, како и персоналот за итни случаи, да донесат хуманитарна помош и да направат проценка на штетите во повеќето изолирани области.
Еден воен брод пристигна утрово во Малакут, каде луѓето минуваа часови на плажа бегајќи од пожарот што стигна до градот. Бродот треба да започне со евакуација на луѓето, изјави портпаролот на армијата.
Чадот ги принуди многу жители на Канбера во четвртокот да носат маски дури и во домовите.
Нивото на чад во Канбера во моментов го прави градот најзагаден во светот. Во средата, квалитетот на воздухот во Канбера беше 20 пати повеќе од нивото што се смета за опасно.
Најмалку 18 лица ги загубија животите од почетокот на сезоната на пожари во октомври, уништени се над 1.300 домови и изгорени се 5,5 милиони хектари, територија поголема од Данска или Холандија.