Првата земја во светот со бесплатен јавен превоз

На 1 март 2020 година, Луксембург ќе стане првата земја во светот што ќе добие бесплатен јавен превоз. Властите направија таков потег со надеж дека ќе го намалат бројот на автомобили по патиштата, во согласност со долгорочниот план за намалување на емисијата на стакленички гасови. За таа цел, автобускиот систем низ целата земја ќе биде електрично управуван до крајот на годината.

Двесте илјади жители има градот Луксембург. И уште толку луѓе доаѓаат на работа секој ден во градот затоа што живеат надвор од земјата заради високата цена на домувањето. Поради ниската цена на горивото нешто повеќе од евро, огромното мнозинство патува со автомобил. Како резултат на тоа, има огромна гужва во секојдневниот живот на автопатите, додека емисиите драматично растат. И тоа мора да се промени, според властите во Луксембург.

“Бројот на луѓе кои користат јавен превоз сè уште не е толку голем колку што би сакале да биде, затоа дојдовме до идеја тоа да стане бесплатно. Се надеваме дека ова ќе биде една од причините што луѓето повеќе ќе го користат јавниот превоз”, тврди Лиди Полфер, градоначалникот на Луксембург.

Од 1 март бесплатната шатл-служба ќе ги опфати сите градски и приградски автобуски линии, градскиот трамвај, но и железницата на територијата на Луксембург. Ова значи дека за работниците кои пристигнуваат од другата страна на границата, билетот ќе биде многу поевтин, бидејќи тие само ќе плаќаат за дел од трасата преку Франција, Германија и Белгија.

До крајот на 2020 година, целокупниот автобуски превоз ќе биде електрично управуван за да се намали загадувањето на воздухот.

Со месеци, главниот град е раскопан заради изградба на нови трамвајски линии. Целта на владата на Луксембург е да ги намали емисиите на CO2 за дури 1 милион тони до крајот на годинава, така што до 2030 година земјата ќе ги намали вкупните емисии за 50 до 55%, што е исто така и целта на новата Европска комисија за целата ЕУ.