Министерството за здравство информира дека лекарите за време на новогодишната ноќ, за разлика од претходните години имале релативно мирна ноќ за работа.
„Во текот на новогодишната ноќ, на Универзитетската Клиника за токсикологија беа прегледани вкупно 29 лесни алкохолни интоксикации. Од нив, најмладиот пациент е 14 годишен, а највозрасниот е 63 годишен. Нема пациенти предозирани со психотропни супстанци и нема случаи со кома. Сите пациенти после неколку часовен престој и третман се пуштени дома“, потенцираше д-р Ирена Јуруков од Клиниката за токсикологија.
Од Ургентниот центар, информираа дека во текот на вчерашното деноноќие биле прегледани 105 пациенти.
„Во изминатото деноноќие, во Ургентниот центар беа прегледани 105 пациенти. Од нив, седум пациенти повредени во сообраќајка и тројца пациенти со полесни повреди од пиро-технички направи. 13 пациенти се згрижени на Клиниките, а еден пациент од нив беше препратен од Градската општа болница „8 Септември“ со убодна рана од остар предмет во пределот на вратот. Сите пациенти се во стабилна состојба“, изјави д-р Алберт Леши од Ургентниот центар.