Во 2019 година во Фонд за иновации и технолошки развој пристигнале дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени 158 апликации. Владата го следеше зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесува дури 11.2 мил евра, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019.
Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто.
Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант, информираше премиерот Заев, се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании.
„Вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој. Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа е бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече Заев.
Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, потсети дека една од главните задачи на Владата на самиот почеток на мандатот, беше да се креираат конкретни и ефикасни мерки со кои се овозможи реална и силна поддршка на македонската економија со Планот за економски раст, кој се темели на три столба.
Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години порасна на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.