Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи во улога на национален координатор за странска помош имаше средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо. На средбата беа разменети писма за соработка меѓу владите, а беа потпишани и два договори за неповратни грантови за реализација на проекти во секторите здравство и социјална заштита, како и научно- истражувачка дејност во висина од речиси 4 милиони евра.
„Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Народна Република Кина и Република Северна Македонија до сега, Кина обезбедила вкупно 325 милиони јуани помош, опфаќајќи образование, медицинска нега, научни истражувања и други области“, истакна амбасадорот Ѕуо, појаснувајќи дека проектите кои ќе се спроведат во претстојниот период ќе им бидат од полза на двете земји и народи, и ќе промовираат поврзаност на Балканот, со цел постигнување на заеднички развој низ регионите.
„Договорот за поддршка во здравствената и социјална заштита е финансиран со грант во вредност од 30 милиони јуани, износ кој надминува три милиони и 800 илјади евра, а преку кој ќе се набават над 100 возила за потребите на здравствениот сектор, вклучувајќи и опрема, за потребите од итната медицинска помош, како и унапредување на услугите за домашните посети во здравството.“ истакна Османи, некриејќи го притоа задоволството и од вториот договор кој беше потпишан денеска, во висина од 620 илјади јуани, или околу 80 илјади евра, наменет за донација за опремување на Институтот за молекуларна биологија.
Извор: Секретаријат за европски прашања