Јовевски порача дека поединечо ќе се оценува работата на секој јавен обвинител

Зад нас е 2019-та, година во која јавното обвинителство беше поставено пред бројни предизвици. Година во која ја покажавме неселективноста во спроведување на законите, година во којашто  на политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките  не се носат во  нечии кабинети, туку нив ги носат  обвинителите самостојно. И затоа вие колеги обвинители ја имате мојата целосна поддршка да не потклекнувате на ничии притисоци, да работите во рамките на вашата надлежност, без мешање од страна, изјави Јавниот обвинител Љубомир Јовевски на почетокот од неговото годишно обраќање.

Еден од принципите, за кои особено инсистирам е транспарентоста. Слободно можам да кажам дека од една од најзатворените институции, сега имаме редовна и навремена комуникација со јавноста и со медиумите.

Обинителството, почитувајќи го начелото за презумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката, рече Јовевски.

Обвинителите ја  сфатија потребата од  доближување на нивната работа до јавноста, бидејќи граѓаните имаат  право на вистинита и навремена информација.

Имаме и проблеми и слабости, но имаме пред се подготвеност за одговорно и ефикасно справување со криминалот.

Дека никој не е над законот, покажуваат и истрагите кои ги водиме, покренати се постапки и против јавен обвинител, судија, пратеник, службени и одговорни лица.

Еден од големите предизвици беше опасноста предметите од СЈО да пропаднат. Затоа донесовме одлука за преземање на овие предмети, истакна Јовевски.

Според Јовевски, Јавното обвинителство од  СЈО презеде  три  предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмета за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети кои се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, шест  предмети кои се во предистражна постапка, 80 други предмети кои се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност, 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вонредни правни лекови.

Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов Закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневно-политички договарања. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија, рече Јовевски за новиот закон за јавно обвинителство.

Во оваа година ги подобривме просторните услови на 11 основни јавни обвинителства. Од овие 11, три  добија  нови, комплетно опремени  простории.

„Во оваа прилика сакам да најавам дека поединечо ќе се оценува  работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите. На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работата на секој јавен обвинител со единствена цел-зголемување на ефикасноста во постапувањето.“-изјави Јовевски.