Професорот по Уставно право, го заборавил Уставот?

Вчера во Собранието на Република Македонија се одржа јавна расправа за предлозите на измените во Изборниот законик со цел воведување една изборна единица на територијата на државава.

Еден од присутните на оваа јавна расправа беше и професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.

Според него, доколку измените на Изборниот законик што предвидуваат една изборна единица и отворени листи добијат поддршка од 65 пратеници, тогаш законот може да се донесе.

„Имате 65 пратеници, можете да си го донесете законот, ништо не може да ве запре, ниту некој бирократ, ниту некоја процедура предвидена со Деловникот“, истакна Шкариќ.

Ова беше една од спорните изјави за професор по Уставно право, бидејќи согласно Деловникот на Собранието секој пратеник има право преку амандмани да бара промени на текстот на одреден закон, па макар тоа било и преку илјадници амандмани, Собранието е должно да ри разгледа и да гласа по истите. Што би било кога би се заобиколила оваа процедура? Тоа ќе биде класично кршење на Уставот и нормално, Деловникот.

„Ваквиот закон би бил легитимен и легален, иако би можело претседателот на Собранието да не го поддржи, но ќе биде потпишан од шефот на државата“, изјави Шкариќ.

Професорот Шкариќ, авторитет за уставно право, вели дека најважно е што законот има поддршка од мнозинството пратеници.

Ова беше уште едната скандалозна изјава на професорот по Уставно право.

Според член 75 од Уставот претседателот на државата го потпишува указот ако законот е донесен во Собранието.

За да се донесе закон во собранието постои јасна процедура која е предвидена со Деловникот на Собранието и пратениците мора да гласаат на пленарна седница за тој закон, па дури потоа се праќа на потпис кај претседателот на државата.

„Омаловажувајќи“ го Деловникот на Собранието, во својот настап, професорот Шкариќ го омаловажи и Уставот.

Согласно Уставот пак, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Деловник. Така да не постои друг по ранг документ кој ја уредува работата на Собранието, освен деловникот. Затоа во ниту еден момент и во ниту еден случај не може да биде заобиколена деловничката процедура за носење закон, бидејќи истото тоа ќе значи и кршење на Уставот.