Албанските партии во Македонија против „мини Шенген“ без Косово во него, Рама ги смирува

Албанските партии во Македонија се спротивставуваат на иницијативата „мини Шенген“ доколку Косово не е во него.

Албанската владејачка партија, ДУИ, вели дека е неопходно да се исполнат четири услови за да може оваа иницијатива да биде прифатлива.

„Треба да ги покрие сите шест држави од Западен Балкан, да биде дел од европските регионални иницијативи, да има поддршка и присуство на Европската унија во овие форуми, како и претставници на САД да бидат на состаноците на „малиот Шенген ““, вели вицепремиерот Бујар Османи за ТВ21.

Опозициската, Алијансата за Албанците, смета дека идејата за формирање „мини Шенген“ е „руско влијание“.

“Иницијативата за регионална соработка на Алијансата за Албанците го вклучува и Косово и тоа треба да биде јасно и за Албанија. Алијансата за Албанците прави се што е можно за да го отстрани руското влијание, што доаѓа кај нас во форма на” мини Шенген “од Србија”, рече Бујаре Абази од Алијансата за Албанците.

И Движењето Беса е на ставот дека без Косово не може да има „мини Шенген“, додавајќи дека не обезбедува долгорочна одржливост и е неправедно.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, реагираше на Фејсбук во врска со критиките упатени на негова адреса за балканскиот „мини Шенген“, и фактот дека во него не е вклучено и Косово.

Рама вели дека неговиот став за признавање на Косово од страна на Србија не е сменет, и дека овој проект треба да се гледа како нешто од што ќе профитираат сите земји од регионот.

Премиерот на Албанија, истакна дека преговорите за регионална соработка ќе продолжат со формирањето на новата влада во Косово.

„Кога ќе се формира новата влада на Косово,  ќе седнеме на маса за да продолжиме со меѓусебната соработка“, стои во објавата на премиерот Рама.