Навивачката група „Шврецери“ на фудбалскиот тим „Шкупи“ од Чаир во петокот влегла во Македонскиот народен театар да го прослави својот 30. годишен јубилеј и да го проследи документарниот филм снимен по овој повод. Според првичните информации, толпата навивачи дивеела во Театарот и направила значителна материјална штета, која во моментот ја проценуваат екипи на Министерството за внатрешни работи. Од видеа од прославата објавени на „Јутјуб“ и на социјалните мрежи се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столовите, со удирање по инвентарот во салонот на МНТ.
Во скандирањата на навивачите на скопскиот прволигаш може да се чујат и пораки, како: „вие немате историја“, а во театарот беа изложени и голем број навивачки транспаренти.

На прославата учествувал и пратеникот од редовите на ДУИ, Артан Груби. Тој денес се огласи со фејсбук статус по повод настанот:
„Дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 Април, а не прослава на навивачи, каде сто се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам и насилство кое што би го осудил во секој момент. Сметам дека реакциите се абсурдни, лицемерни и претставуваат класична намерна политичка злоупотреба на настан во функција на предизборна пропаганда. Јас не сум организатор на настанот, но мора да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ВМРОвски, СДСМовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припага на граѓаните. 20 годишнината беше одбележена во Албанскиот театар пред 10 години со прикажување на документарец, исто како и 30 годишнината во МНТ каде што присуствуваа фудбалски ветерани, тренери, албанци, македонци и други, на кои им беа доделени благодарници од страна на организаторите, спонзори, градоначалници, и други. Секоја чест за професионалноста на вработените во театарот каде што се одржуваат безброј различни настани.“