„Фајненс Тинк“: Добивање лиценци, дозволи и одобренија прескапи за бизнисот

Трошоците на фирмите за добивање лиценци, дозволи, одобренија и најразлични документи станаа еден од најсериозните финансиски проблеми. Институтот за економски анализи Finance Think, објави анализа во која се гледа дека цената на парафискалните давачки на компаниите се движат од едно евро па се до 300 илјади евра за добивање на потребен документ.

Од институтот сметаат дека непостоењето на централно тело кои што би ги контролирало овие давачки е голем проблем за стопанството.

„Првата препорака е да постои еден унифициран регистар на парафискални давачки кој што ќе ги опфати сите парафискални давачки и на локално и на централно ниво. Меѓутоа исто така ќе биде доволно богат со информации за цена, од аспект на сектор, од аспект на намена. А притоа да може да се направи бришење или спојување на оние давачки кои се слични или не се потребни или ги оптоваруваат компаниите“, рече Благица Петревски – Finance Think.

Бизнисмените ги потврдија овие трошоци. Велат дека скриените давачки во форма на парафискални трошоци ги надминуваат сумите на основните даноци кои ги плаќаат на државата.

„Во секторот градежништво, имаме случај каде што авансно се плаќаат даноци за следната година, така што компаниите се принудени да плаќаат данок и потоа да чекаат да им се возвраќа и тоа претставува оптоварување за компаниите“, рече Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

„Она што компаниите најчесто го кажуваат, што им е проблем кој се повторува се парафискалните давачки за трошоците за одржување на фискалните апарати, каде што има значителни износи кои непотребно се плаќаат“, рече Данела Арсовска, претседателка на Сојуз на стопански комори.

Анализата покажала дека идентификувани биле 377 парафискални давачки од кои повеќе од половина се однесуваат на давачки за дозволи, лиценци, сертификати одобренија. Покрај финансиски товар парафискалните давачки предизвикуваат потреба од ангажирање на ресурси за администрирање, и за бирократски процедури.