Честитки за католички Божик од лидерите на партиите

Денеска по повод Католичкиот Божик, честитки до верницте од католичката вероисповед упатија лидерите на политичките партии.

Во прилог ви ги пренесуваме нивните честитки:

Зоран Заев

„И оваа година се радуваме и го воспеваме раѓањето на богомладенецот Христос, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“ Овој голем христијански празник секогаш ги повикува сите луѓе да го земат како пример делото и учењето на Исус Христос, и во мир и со спокоен дух, да им понудиме на сите, во исто таков мир да го победиме злото и да го преобразиме во добро“, се вели во честитката на премиерот Заев до д-р Киро Стојанов.

„Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите“, пишува во честитката претседателот на Владата на Северна Македонија Заев и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.

„Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме. Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката на премиерот Заев до д-р Киро Стојанов, бискуп скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Северна Македонија, и до верниците од католичката вероисповед.

Христијан Мицкоски

Дозволете ми од мое име, но и од име на ВМРО-ДПМНЕ, на сите припадници на Католичката вероисповед да Ви го честитам овој најсветол ден, денот на Христовото раѓање, Божик.

Ви посакувам на овој најголем христијански празник многу спокој, љубов, здравје и среќа во вашите семејства. На овој ден, нека не обедини Христово учење за хуманост, меѓусебна почит и пожртвуваност, нека не обединат традиционалните вредности кон кои се стремиме како општество.

Нашата заедничка татковина Република Македонија ги живее можеби најтешките моменти во својата историја како независна држава, но надежта не смее да згасне во нашите срца. Дојде време кога треба да размислуваме што ние како поединци можеме да направиме за татковината, за да се оствари нашиот заеднички стремеж за просперитетна и успешна Република Македонија во која не само ние туку и нашите, деца внуци, правнуци ќе ги поминат своите животи. Ни престојува година во која граѓаните на Република Македонија треба да донесат сериозна одлука за тоа во каква држава сакаат да живеат, во оваа година ѕвезда водилка нека е основното христијанско учење, потрагата по праведноста и вистината. Ние веруваме во принципи, правда, промени, и со силна верба за успех и нова шанса за Македонија.

Нека е вековит и честит овој голем христијански празник Рожденство Христово, Божик. Христос се роди, Навистина се роди!