СДСМ: Просечната плата продолжува да расте, за 2,5 години ја зголемивме на 25.726 денари

Со СДСМ платите растат побрзо. Само за последниве 2 години и 5 месеци просечната нето плата е зголемена за 2.837 денари, стои во соопштението од СДСМ.

Според податоците од Државниот завод за статистика, просечната плата во октомври годинава изнесува 25.726 денари.

Тоа е зголемување од 3,7 отсто или за над 900 денари повеќе од истиот месец лани кога таа изнесувала 24.817 денари.

Од СДСМ изјавуваат дека за споредба ВМРО-ДПМНЕ за 2 години и 5 месеци, од декември 2014-та до мај 2017-та година успеа да ја зголеми просечната плата за само 482 денари.

Веќе од овој месец, минималната плата ја покачуваме на 14.500 денари, што е зголемување за 5.500 денари или над 60 отсто, споредено со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението.

Ова се огромни, значајни покачувања на минималната и просечната плата.

Но не застануваме тука, продолжуваме да ги покачуваме платите во сите сектори.

92.000 граѓани добиваат поголеми плати преку мерката за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за оние компании кои ќе ги покачат платите на своите вработени до 6.000 денари.

Веќе од јануари и февруари, ги покачуваме платите во здравството и образованиeто.

Тоа ќе поттикне дополнителен раст на просечната плата, велат од СДСМ.