19 милиони евра, како дел од добивката на Електрани на Северна Македонија, оваа година, ќе биде инвестиран за набавка на помошна механизација за РЕК Битола за ископ на јаглен, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на прес-конференција во Владата, на која заедно со генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, информираа за објавениот тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола.
Премиерот Заев овој чекор го оцени како многу значаен кој доаѓа како резултат на темелна подготовка и на добро подготвен план и проценка според кои РЕК Битола во иднина ќе може да се потпре на сопствена помошна механизација во процесот на ископ на јагленот.
„Оваа одлука е од исклучителна важност ако се знае дека во последните 10 години за ангажирање на помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено околу 100 милиони евра. Заради тоа, оваа одлука на Електрани на Северна Македонија и на РЕК Битола е домаќинска одлука. Уште повеќе што очекувањата се дека постои интерес од голем број компании за учество во оваа набавка и конкуренцијата може да влијае и на намалување на планираната сумата за услугата“, нагласи премиерот Заев.
Генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски информираше дека со тендерот ќе се набават 47 парчиња механизација за ископ на јаглен и јаловина, додека понатаму ќе се обезбеди и другиот вид механизација со што целосно ќе се отстрани потребата од ангажирање надворешни фирми.
„Тендерот е конципиран на начин да обезбеди најголема конкуренција и на огласот да се јават најдобрите светски производители на ваков вид механизација. Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, очекуваме најголемиот дел од машините да бидат испорачани во текот на следната година“, информираше Ковачевски.