Мицотакис соопшти на кого му следува бесплатен одмор во Грција

Во последните денови од јули, за жал, шумски пожари беснееја низ прекрасниот грчки остров Родос, а туристите бегаа од оваа дестинација на сите можни начини, вклучително и со чамци.

Поради овие немили настани, кои принудија многу туристи, гостите на Родос, на итна евакуација, Грција најави дека во 2024 година ќе им понуди седум дена бесплатен одмор на островот.

Јасно е дека туризмот е една од клучните, ако не и клучната област на грчката економија, која успеа да закрепне по должничката криза во 2018 година, а потоа и кризата со корона – која започна на почетокот на 2020 година.

Родос е деветтиот по големина остров во источниот Медитеран и секако една од најпопуларните туристички дестинации.

Потсетуваме, пожарот избувна на 18 јули во центарот на Родос, а силниот ветер го прошири на источниот и јужниот брег, област со бројни одморалишта.

Грција, исто така, објави дека ја извршила најголемата евакуација што некогаш била преземена во таа земја, бидејќи биле евакуирани повеќе од 20.000 туристи и локални жители.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска за британската телевизија ИТВ изјави дека пожарите зафатиле дури 15 отсто од Родос, но дека ситуацијата „се вратила во нормала“. Сепак, свесни за непријатностите што ги претрпеа туристите, ја донесоа следната одлука.

– На сите оние чии празници беа прекинати поради шумските пожари, грчката влада во соработка со локалните власти ќе им понуди 7 дена бесплатен одмор на Родос следната пролет и есен, за да се погрижи да се вратат на Родос и да уживаат во неговата природна убавина. – рече Мицотакис..