Италијанска вечер на „Охридско лето“

– Празничниот ден на програмата на „Охридско лето“ резервиран за Италијанската вечер, со најпознатите светски арии во изведба на тенорот Џани Лечезе во пијано-придружба на маестро Екланд Хаса.

Лечезе е ученик на Вилијам Матеуци и Леоне Магиера. Џани Лечезе дебитира во операта „Палјачи“ од Р. Леонкавало во театарот во Пиза, по што настапува со истата улога во Гросето, Пескара, Витербо, во рамки на театарските сезони и на фестивали. Неговата интернационална кариера го води на концерти и изведби на оперски претстави во Кина, Индонезија, В. Британија, Грција, Египет, Франција, Чешка, Полска, Јапонија, Кипар, Романија и Бугарија каде неговите изведби се проследени со позитивни одгласи од стручната критика и од публиката.

Соработувал со некои од најголемите оперски ѕвезди на денешницата како Катја Ричарели, Џанфранко Цечеле, Лео Нучи, Карло Коломбара, Пипо Баудо и Пјетро Бало. Настапувал во повеќето италијански оперски куќи во Модена, Реџо Емилија, Бари, Трст, Равена, Косенца, Лече како и во театрите во Вроцлав, Плзен, Ница, Варна, Крајова, Каиро итн. Соработувал со истакнати диригенти исполнувајќи улоги во „Травијата“, „Риголето“, „Тоска“, „Боеми“, „Џани Скики“, „Кавалерија Рустикана“, „Палјачи“, „Мефистофел“, „Симон Боканегра“, „Така прават сите’“, „Набуко“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Кармен“, „Приказна од западната страна“, како и концертни изведби на Моцартовиот „Реквием“, Стабат Матер од Траета, „Мала миса“ од Росини…

Во 2011 година е добитник на наградата „Тенор на новата генерација“ од Фондацијата на Арена ди Верона. Во 2018 година Лечезе е поставен за уметнички директор на фестивалот на отворено на сцената на Театарот „Каве ди Фантиано“ во Пулиа, Јужна Италија.