Торнадо во Италија и Словенија, предупредувања и во Хрватска

Во Хрватска за два региони издаден е портокалов метеоаларм, а во Загреб доцна вечерта почнале обилен дожд и грмотевици

Ново невреме денеска го погоди италијанскиот регион Венето, а потоа ја зафати и Словенија, а во моментов на удар е и Хрватска. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како е снимен торнадо на италијанска и словенечка територија.

Според италијанските медиуми, помало невреме преминало во суперклеточна бура, а потоа се направил мезоциклон (вртлог на воздух) кој се трансформирал во торнадо.

Денес удар од торнадо е забележан во Илирска Бистрица, Словенија. Како што соопшти словенечката агенција за заштита на животната средина, брзината на торнадото била поголема од 100 километри на час.