Украина ќе извезува жито преку Дунав во Хрватска, а потоа со бродови од Јадранот

Во Киев вчера престојуваше хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, а потоа хрватското Министерство за надворешни и европски работи соопшти дека Хрватска ги ставила на располагање своите пристаништа на Украина за извоз на украинско жито.

Украина соопшти дека постигнала договор со Хрватска за извоз на своето жито. Како што информираше Министерството за надворешни работи во Киев, земјоделските производи ќе бидат пренесувани со бродови преку реката Дунав во Хрватска, а потоа преку железница до брегот на Јадранско Море. Колкави количини можат да бидат транспортирани на тој начин, не е соопштено.

Со овој потег Украина сака да ја заобиколи блокадата на своите пристаништа на Црно Море од страна на Русија, откако Москва на средината на јули го откажа договорот за извоз на украинско жито,постигнат со посредство на ОН и на Турција.