ВО СОБРАНИЕТО ЗАПОЧНУВА АМАНДМАНСКАТА РАСПРАВА ЗА БУЏЕТОТ ЗА 2020 ГОДИНА

Денес во собраниската комисија за финансирање и буџет од 11 часот започнува амандманската расправа за Предлог буџетот за 2020 година.

Според Деловникот на Собранието расправата за амандманите во комисијата за финасирање и буџет може да трае најмногу 10 дена. Со оглед на бројот на поднесените амандмани на Буџетот се очекува пратениците да ги искористат сите денови за расправа по амандманите.

Од страна на пратениците поднесени се 393 амандмани на Буџетот, од кои најголем број се поднесени од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, 317.

Инаку, Буџетот за 2020 година ќе изнесува 3,615 милијарди евра, а најголем дел се одојува за човечкиот капитал: за здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Капиталните инвестиции  се проектирани на 23 милијарди денари.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции. Буџетскиот дефицит за 2020 година е определен на ниво од 2,3 отсто.