Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска гостуваше во „Тема на денот“ во централниот дневник на Сител телевизија, каде што меѓу другото разговараше и за законите кои се дел од, така наречената даночна реформа, законот за зголемување на ДДВ за прехранбените производи и Законот за солидарен данок кои се во собраниска процедура по скратена постапка без можност за дискусија на пошироката јавност.
Додаде дека со даночната реформа која што тие ја протуркуваат, најпрвин ставаат европско знаменце и оди директно во Комисијата за европски прашања, што значи носат даночна реформа без општа расправа и без можност во таа да се вклучи пошироката јавност со што се враќаме во најцрните времиња на комунизмот каде што власта сака да го присвои и оној профит што го прават поуспешните, а при тоа заобиколуваат било какви интервенции во сивата економија.
Лефков истакна дека во Македонија имаме огромна, така наречена, неформална или сива економија, а ние сме и единствената држава во која директорот на Управата за јавни приходи е и партиски потпретседател, а тоа едно со друго не оди.
„Од друга страна имаме дуплирање на ДДВ за прехранбените производи. Владата на СДС и ДУИ е толку ненаситна во нивното трошење што во изминатите седум години потрошија 30 милијарди евра, огромен буџет над пет милијарди евра и тие сега сакаат да го дуплираат ДДВ кое што го плаќаат граѓаните за купување на наполитинки и на бисквити. Ако веќе е толку достапна листата, зошто не беше достапна пред расправата во комисијата за европски прашања, а истата ја кријат“, заклучи пратеникот Лефков.