Владата со закон ќе ја поништи лустрацијата и ќе ги обесштети лустрираните

Владата на вчерашната седница го утврдила текстот на Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи.

Со Предлог-законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.

Нарачаните процеси од така наречената лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот. Ја заокружуваме правната рамка на реформата во правосудството во однос на обезбедувањето на независноста и непристрасноста и со законска рамка ги поништуваме мерките и правните последици од процесот на лустрација, напиша Заев.

Комисијата за верификација на фактите (лустрација) беше формирана во 2009 година, целиот процес беше проследен со контроверзии и обвинувања за неговата партиска политизација.

Опозицијата тогаш реагираше дека процесот очигледно се злоупотребува против критичарите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во декември 2012 година, во знак на протест, тогашната опозиција ги повлече двајцата свои членови од Комисијата која броеше 11 членови.

Првиот голем удар на лустрацијата ѝ беше нанесен во август 2015 година, кога соочена со критики од Брисел, Комисијата за лустрација одлучи, со почетокот на 2016 година, официјално да го заврши процесот на лустрација.

Сепак, таа не ги укина санкциите што им беа изречени на повеќе од 200 лустрирани лица, вклучувајќи ги и забраните за работа во државните институции, за лицата за кои беше утврдено дека се поранешни тајни соработници на полицијата.