Пожарот во околината на Волос, во централна Грција, кој предизвика експлозии во воен магацин, е ставен под контрола, соопшти тамошната Противпожарна служба.
Како што јави телевизијата ЕРТ, 90 пожарникари од четири групи воена пешадија, 31 возило, пет авиони и еден хеликоптер биле ангажирани во гаснењето на пожарот во областа Магнезија, во Тесалија, каде што се наоѓа Волос.
Поточно, како што соопштија од Противпожарната служба, состојбата во Магнезија е многу подобра, бидејќи синоќа во Микротеба, каде првпат се разгоре огнот, пожарот бил изгаснат до утрото и оттаму се шири чад.
Тој пожар, кој избувна во средата, доведе до серија силни експлозии во четвртокот во складиште за муниција на воздухопловните сили, недалеку од Неа Анхиалос во Тесалија.
По експлозиите биле известени жителите на Неа Анхиалос, Ступи, Веланидија, Маратос, Критарија, Сорос, Кастраки, Кокино и Перивлептос да се евакуираат.
Од експлозиите нема жртви или повредени, јавува ЕРТ.
Во Неа Анхиалос, крајбрежната стража ги качуваше граѓаните на приватни чамци, кои се собраа во пристаништето.
Граѓаните се пренесени во Капетанијата на пристаништата Волос, а потоа се сместени во градскиот Изложбен центар. Во тој простор се сместени повеќе од 1.000 луѓе.
Новинарите на ЕРТ јавуваат дека Неа Анхиалос утринава изгледа како „град на духови“, со знаци на уништување предизвикани од експлозии на воена опрема.
Искршените прозорци, оштетените фасади на куќите и отворените порти сведочат дека нешто лошо се случило во тоа гратче, кое жителите биле принудени да го напуштат.
– Градот од вчера е празен и полека некои се враќаат да видат колкава е штетата. Жителите во 18 часот попладне тргнаа од Неа Анхиалос и побегнаа на секој начин оставајќи ги своите автомобили – велат репортерите на ЕРТ.