Во просториите на Фудбалската федерација на Македонија беше извршена ждрепката за новата сезона во најсилната домашна конкуренција, поточно ги имаме распоредот на натпреварите за кампањата 2023/2024.
Откако Вардар и Воска Спорт ги надминаа проблемите стана јасно дека 12 екипи ќе бидат дел од ПМФЛ што значи нема да има слободни екипи како што тоа беше случај лани со откажувањето на Ренова.
Најтрофејниот македонски клуб Вардар кој после две години во второлигашката конкуренција се врати во домашната елита тргнува од Струмица кај Брера во новата сезона, а веќе на првиот домашен меч го чека супердерби и тоа против најлутиот градски ривал Шкупи.
Дербито е закажано за 13 август од 17 часот во второто коло, во кое ќе има дерби и на кандидатите за титулата, Шкендија во Тетово ќе го пречека првакот Струга ТЛ.
Вардарци во првиот круг го чекаат гостувања кај Воска (3 коло), Струга ТЛ (5 коло), Тиквеш (7 коло), Брегалница (9. коло) и Работнички (11 коло), додека црвено црните ќе бидат домаќини на Силекс (4 коло), Македонија ЃП (6 коло), Гостивар (8 коло) и Шкендија во уште едно супердерби против голем ривал во последнава деценија во 10-то коло на 7 октомври.