Украинските власти истражуваат дали член на парламентот го прекршил законот кога одел на семеен одмор на Малдивите, пренесува BBC.
На официјалните претставници им е забрането да патуваат во странство на одмор, додека на мажите на возраст на регрутирање им е потребна посебна дозвола да ја напуштат земјата.
Според информативниот портал Слодство-инфо Јуриј Аристов, 48-годишен пратеник на партијата на Зеленски, Слуга на народот, бил забележан во средината на јули во хотел со пет ѕвезди на тој архипелаг во Индиски Океан.
Шефот на партијата во парламентот, Давид Арахамија, преку соопштение рече дека бара итно суспендирање на тој пратеник во неговата пратеничка група, како и проверка на сите службени патни исправи и други информации.
Претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук изјави дека добил писмо со оставка од Аристов, кој е и заменик-претседател на парламентарната комисија задолжена за национална безбедност, одбрана и разузнавање, чија улога е мошне стратегиска.
Тој рече дека оставката ќе се разгледува на следната пленарна седница на парламентот.
Во Украина е потребно парламентарно гласање за сменување на избран пратеник.
Претседателот Зеленски рече дека ако Аристов повеќе ги сака островите и одморалиштата во време на војна, тој е „предавник на државните принципи“.
„Секое внатрешно предавство, секоја ‘плажа’ или какво било лично богатење наместо да се бранат интересите на Украина, ќе предизвика во најмала рака гнев“, рече Зеленски во своето обраќање.