Армијата изврши државен удар во Нигер

Војниците во западноафриканската држава Нигер велат дека извршиле државен удар. Тие на националната телевизија објавија дека го поништиле уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле државните граници.

Бунтовниците тврдат дека безбедносните сили управуваат со ситуацијата и ги повикале надворешните партнери да не се мешаат, пренесува АП.

Претседателот на Нигер, Мохамед Базоум е задржан во палатата во главниот град Ниамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.

Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базоум и да се вратат во нивните касарни.

Соединетите Држави повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.