Груби: ДУИ со нетрпение ги очекува изборите

ДУИ со нетрпение ги очекува изборите и следната победа. Убедени сме во апсолутна победа, посебно кај албанскиот блок и дека ќе станеме пресуден, одлучувачки фактор за формирање на следната влада и ќе бидеме гарант за трите договори, Охридскиот, Преспанскиот и Добрососедскиот, како и за реализација на програмата, изјави денеска во Собранието пратеникот Артан Груби.

Тој го пренесе ставот на ДУИ дека се за избори.

„Ние сме за избори. Ги очекуваме изборите, спремни сме, реформирани и готови да ја преземеме повторно одговорноста од граѓаните за реализација на нивните очекувања. Исто така, ги поддржуваме сите законски решенија, било да е тоа Законот за Армијата, Законот за ЈО, па дури и инкорпорирањето на препораките од ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик кои би сакале да се усвојат во текот на јануари, по изборот на преодната влада, која ќе треба да ги организира изборите“, рече Груби.

Тој очекува дека ова Собрание ќе го ратификува Протоколот за членство на нашата држава во НАТО и изрази надеж дека шпанските пратеници ќе успеат да го завршат процесот на ратификација на Протоколот до 12 февруари.

На прашањето во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев за можно одложување на изборите доколку не се донесат суштинските закони, Груби рече дека ако има политичка волја и дијалог меѓу политичките партии ништо не би било пречка и сите закони можат да се усвојат во краток можен рок.

Како хипотетичко го оцени прашањето што ќе се случи ако премиерот Заев побара од нив како коалициски партнер одложување на изборите и повтори дека се убедени во нивната победа и ако изборите бидат утре или на 12 април или кога било, ДУИ, според него, ќе биде апсолутен победник на овие избори.

Заев: Изборите може да се одложат ако не се донесат суштинските закони

ВМРО-ДПМНЕ: Избори ќе има, договорени се и од тоа нема бегање