Хаос во Израел по усвојувањето на контроверзниот закон

Израелскиот парламент денес го ратификуваше првиот предлог-закон за реформирање на судството што го бараше премиерот Бенјамин Нетанјаху, откако компромисните напори пропаднаа и не успеаја да ја ублажат уставната криза со месеци.

Противниците на судските реформи на израелската влада синоќа со часови демонстрираа во Тел Авив и Ерусалим, блокирајќи ги патиштата и најавија дека ќе ги интензивираат протестите по усвојувањето на првиот закон во израелскиот Парламент (Кнесет), што се смета за голем чекор во спроведувањето на контроверзниот план. Полицајците успеале да ги растераат демонстрантите со водени топови после полноќ, јавуваат израелските медиуми

И покрај тоа, илјадници луѓе продолжија да демонстрираат на блиската раскрсница Каплан, каде што почнаа да се собираат неколку часа порано, лути што владејачката коалиција донесе закон со две финални гласања за ограничување на овластувањата на судиите и за давање на избраните функционери поголема моќ за одлучување.

Исто така во Ерусалим, полицајци ги растераа демонстрантите кои протестираа пред парламентот, а подоцна го блокираа автопатот и стигнаа до зградата на Врховниот суд, за која критичарите на владата велат дека ќе биде ослабена со реформата.

Протестите се интензивираа вчера доцна попладне по усвојувањето на законот кога израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид вети дека ќе поднесе петиција до Високиот суд.

За тоа време, владејачката коалиција ја прославуваше победата освоена еден месец по пропаѓањето на преговорите со цел да се најде компромис со опозицијата за реформите.

„Ова е тажен ден. Ова не е победа за коалицијата. Ова е уништување на израелската демократија“, рече Лапид.

Лидерот на опозициската партија Национален сојуз, Бени Ганц оцени дека битката можеби е изгубена, но дека војната ќе се добие.