Вака би можела да изгледа новата конзола за игри на Sony

Откако на почетокот на оваа година се појавија гласини околу новата конзола која ја подготвува „Sony“, кон крајот на мај јапонската компанија тие гласини ги потврди. „Project Q“, името под кое конзолата се развива, на пазарот го очекува при крајот на годината, а станува збор за уред со дијагонала на екран од 8 инчи и резолуција од 1080п. Треба да се нагласи дека ова не е самостојна рачна конзола на која може да се играат посебни игри (како на пример PS Vita), туку станува збор за уред за стриминг со „Play Station 5“ преку опцијата „Remote Play“.

Неделава дознавме како изгледа хардверот, но и самиот екран кога уредот работи, благодарение на корисникот на Твитер @Zuby_Tech кој на својот профил објави фотографии и видео од уредот во акција. Неговите твитови се прикачени во текстот, а според коментарите напишани подолу, повеќето не се воодушевени од она што може да се види.

„Некој ќе добие отказ; Изгледа толку лошо; Никој нема да го купи“, се само дел од коментарите на неимпресионираните гејмери. Видеото и фотографиите откриваат голем екран сместен во некој вид на Dual Sense контролер, а на страницата 9to5 Google посвети посебно внимание на софтверот, кој е базиран на Google Android, иако се уште не е финален.