Поплави во Канада: Четворица исчезнати

Четири лица, меѓу кои две деца, се водат како исчезнати од саботата по рекордните поплави предизвикани од обилните врнежи во источната канадска покраина Нова Шкотска.

Двете деца биле во автомобил кој бил потопен, а трите возрасни лица кои биле со нив успеале да се спасат, соопшти портпаролката на Канадската кралска жандармерија (GRC) и додаде дека во тек е потрагата по исчезнатите.

Други две лица исчезнале во слични околности, додаде портпаролката. Двајца патници од истото возило се спасени.

Покраината Нова Шкотска кон крајот на мај беше силно опустошена во шумските пожари од кои настрадаа уште неколку канадски покраини.

Покринскиот премиер Тим Хоустон истакна на прес-конференција дека за неполни 24 часа во покраината наврнале околу 250 милиметри дожд, што е колку во просек наврнуваат за три месеца. Хоустон прогласи вонредна состојба во некои делови од покраината, оценувајќи дека водата ќе се повлече за неколку дена.

Силниот дожд што паѓа од петокот го наруши сообраќајот, поплави куќи и се заканува да ја пукне браната.

На жителите од областа Виндзор, околу шеесет километри северозападно од Халифакс, главниот град на провинцијата, им беше наредено да се евакуираат среде ноќ поради опасност од пукање на браната.