Пожарот на Родос се влошува

Стотици туристи се евакуирани од два хотела во одморалиштето Киотари, на грчкиот остров Родос, бидејќи шумскиот пожар веќе петти ден гори надвор од контрола.

Според локалниот сајт Родиаки, туристите се евакуирани од „Линдиското село“ и „Селото Родос“. Во хотелите има повеќе од 30 автобуси за превоз на туристи во побезбедна област, пренесе грикрепортер.

 

Горат три хотели во областа Киотари во јужен Родос, кои претходно денеска беа испразнети од туристите. Пожарот на Родос гори веќе пет дена и сега е надвор од контрола.

Во евакуацијата учествуваат четири чамци на крајбрежната стража, а во готовност е и еден приватен авион.

Надлежните преку СМС пораки ги известуваат жителите да го напуштат селото Асклипио и округот Киотари, а претходно и селата Лардо и Пилона.

Борбата со пожарот на Родос продолжува во областа Лаермос и Лардос, каде пожарот беснее неконтролирано – велат од СКАИ.

Поради пожарот електричната енергија е исклучена во неколку области на островот.

Денешната ситуација се смета за особено тешка поради силниот ветер.