„Мекдоналдс“ ќе плати отштета од 800.000 долари

Осумгодишното девојче од Флорида, Оливија Карабало, доби отштета од 800.000 долари за изгорениците кои ги добила кога на ногата и паднал пилешки „мекнагет“ од „Мекдоналдс“.

Пресудата во мај утврди дека „Мекдоналдс“ и сопственикот на франшизата се одговорни за изгорениците на детето. Судијата ги прогласи за виновни затоа што не ставиле предупредувачки етикети на пакувањето.

Нејзиното семејство барало отштета од 15 милиони долари. Во мај, поротата утврди дека „Мекдоналдс“ е одговорен за повредата.

Втората порота во округот Бровард, Флорида, расправаше помалку од два часа во средата пред да донесе пресуда за отштета, според весникот „Сан Сентинел“.

На девојката ѝ беа доделени 800.000 долари отштета за предизвиканата повреда, страдање и ментална болка, што вклучува 400.000 долари за изминатите четири години, како и 400.000 долари за во иднина.

Во соопштението, правниот тим на семејството одлуката ја нарече „значајна“.

„Всушност сум среќна што го слушаа гласот на Оливија и што поротата успеа да донесе правична пресуда. Среќна сум поради тоа. Искрено, немав никакви очекувања, па ова е повеќе од фер за мене”, изјави мајката на девојчето, Филана Холмс за американските медиуми, истакнувајќи дека нејзината ќерка има лузна од изгореница и сака да се отстрани.