Младите но исклучително талентирани уметници од италијанското трио „Инвентио“, виолинистките Јулиа Беринскаја и Валентина Данелон и виолистката Ана Серова вчеравечер беа вистинско освежување за публиката на „Охридско лето“ со нивниот концерт во црквата „Света Софија“.
Изведувајќи дела од Бах, Де Берио, Танејев и Дворжак, членовите на овој гудачки состав уште еднаш го потврдија својот веќе етаблиран виртуозитет како солисти и како камерни музичари на меѓународната музичка сцена.
-Многу сме среќни што музицираме во црквата „Света Софија“. Го познавам ова место затоа што токму овде се одржуваа натпревари по виолина. Црквата, и покрај тоа што е позната по нејзините фрески, таа поседува и неверојатна акустика. Се надевам дека и на публиката ѝ се допадна концертот. За „Охридско лето“ слушав од моите колегите од Македонија, вели виолинистката Беринскаја чиј талент и е откриен од рана возраст од страна на нејзиниот татко Сергеј Берински, еден од најзначајните руски композитори на 20-от век. Во моментов таа е доцент на музичката школа „Клаудио Абадо“ во Милано и на Мајсторската музичка школа во Милано.