Грција: 600 пожарникари ги гаснат трите активни пожари

Во текот на целата ноќ грчките пожарникари се бореа со огнените јазици на три различни локации во Грција, а гаснењето на пожарите продолжува и утрово, и од копно и од воздух, со речиси 600 пожарникари, возила, авиони и хеликоптери, јави дописничката на МИА од Атина.

Неколку големи пожари избувнаа во поширокото подрачје на Атина. Службата за цивилна заштита нареди евакуација на голем број луѓе. Од пожарите се погодени детски летни кампови во неколку села во источна Атина, како и во близина на приморското одморалиште Лутраки во западниот дел на главниот град. Таму гореа и куќи.

По релативно дождливата и студена пролет, ова се првите големи пожари во Грција годинава. Државата прави сѐ за да ги стави пожарите под контрола, изјави премиерот Киријакос Мицотакис на маргините на самитот ЕУ-Латинска Америка во Брисел. „Би сакал да апелирам до нашите граѓани да ги следат упатствата на службата за цивилна заштита.“ Главниот приоритет при гаснењето на пожарите е заштитата на човечкиот живот, а дури потоа ќе следува заштита на имотот и животната средина, нагласи грчкиот премиер. Според него, пожарите се последица и на климатската криза која се чувствува сѐ повеќе.

Според властите, уште еден пожар на околу 80 километри западно од Атина се проширил во шумска област во близина на градот Лутраки, кај Коринт. И таму имало силен ветер. Пожарникарите за грчката новинска агенција АНА соопштија дека се мобилизирани копнени и воздушни сили. Превентивно во прекин е сообраќајот на автопатот меѓу Атина и Коринт. Властите превентивно наредиле евакуација и во областа околу Лутраки. 1.200 деца се спасени од камповите за одмор во близина на градот, изјави градоначалникот Јоргос Ѓионис.