Дали грчката крајбрежна стража е делумно виновна за смртта на неколку стотици луѓе

И еден месец по страшната несреќа, односно тонењето на бродот пред грчкото крајбрежје, многу членови на семејствата на загинатите и натаму чекаат на разјаснување на околностите на трагедијата и на вести за тоа што се случува со нивните најмили.

Али Шах (32) од Пакистан се надева дека неговиот внук го преживеал бродоломот во кој загинаа неколку стотина лица. Грчките власти зеле примерок од неговата ДНК и тој од тогаш чека на одговорите кои го мачат. „Само велат дека морам да чекам и тоа е сѐ”, вели тој за ДВ. „Во Европа многу се зборува за хуманоста. А, нели сме сите ние луѓе?”

Шах е сигурен дека можело се спасат многу повеќе човечки животи. Преполниот брод „Андријана” на кој имало 700 патници, потона на 14 јуни пред Пилос во Јонско море. Спасени беа само 104 лица.

Двајца преживеани во катастрофата велат дека грчките власти ги замолчеле и ги заплашиле мигрантите, а навестиле дека можеби крајбрежната стража е виновна за трагедијата. Изминатиов месец беа изнесени тврдења дека крајбрежната стража користела јаже за да го влече рибарскиот брод поради што бродот потонал.

„Јажето го закачија на левата страна. Сите се преселиле на десната страна на бродот за да го балансираат. Грчкиот брод бргу се придвижи поради што нашиот брод се преврте. Продолжија да го влечат доста далеку“, рече еден од двајцата преживеани, кој сакаше да остане анонимен.

Мажите опишале како поминале два часа во водата пред да бидат земени од крајбрежната стража.

Кога пристигнале на копно во Каламата, тврдат дека крајбрежната стража им кажала на преживеаните да молчат кога почнале да зборуваат за тоа како грчките власти ја предизвикале катастрофата.

„Кога луѓето одговорија дека грчката крајбрежна стража е причината, службеникот задолжен за сослушувањето побара од преведувачот да му каже на соговорникот да престане да зборува“, рече еден од преживеаните. Тој додаде дека на спасените им било кажано дека треба да бидат благодарни што не загинале.

Мажите изјавија за Би-би-си дека се плашат да зборуваат јавно да не бидат обвинети и тие како Египќаните.

Во Грција случајот го истражува и Државното обвинителство. Новиот министер за миграција, Димитрис Каридис, ги отфрли обвинувањата на сметка на грчките власти. Крајбрежната стража, вели тој, била таа што спасувала луѓе, а не невладини организации, странски новинари или претставници на ЕУ. „Ние сме хуманитарни, ама не сме наивни”, вели Каиридис.

Веќе со години медиумите и меѓународните хуманитарни организации сведочат на нелегални „пушбекови” од грчките власти.

Многумина бараат воведување независен надзор на надворешните граници на ЕУ, а како една од причините наведуваат наводни дефицити по прашањето на независноста на надлежните институции кои би требало да го истражуваат кршењето на европските права.