Струмичани на протест против „рудникот на смртта“

Еколошките здруженија добиваат силна поддршка во борбата против „рудниците на смртта“ во струмичко. Иницијативата „Здрава котлина“ повика на протестна блокада во 11 часот против рудникот Иловица-Штука, но постави правила на однесување забрана за реквизити, со цел непотребно етикетирање, навреди и избегнување можни меѓусебни конфликти. Притоа им порача на сите оние коишто сакаат да го поддржат протестот, дека е забрането да носат партиски обележја и да се скандираат партиски слогани.

„За оние кои нема да се придржуваат на правилата ќе се постапи соодветно, затоа што ќе ги сметаме за провокатори кои сакаат да внесат раздор“, велат од „Здрава котлина“.

Протестот се организира по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Ова, според активистите, значи дека е можнa изградба на рудникот Иловица-Штука, откако Управниот суд ја уважил жалбата на канадската компанија „Еуромакс“. Екологистите реагираат дека струмичката котлина е најголемиот производител на земјоделски производи и цела Македонија е во опасност да јаде отруен зеленчук од рудникот со отворен коп. Поради тоа нема да се дозволи „рудникот на смртта“, како што го нарекуваат.

Поддршка од сите страни 

Поддршка за протестите пристигнува од сите страни. Министерката за животна средина, Каја Шукова, најави дека ќе присуствува на протестот за да ги слушне пораките на граѓаните. Таа на прес-конференција во петокот (14/07) рече дека ја разбира загриженоста на граѓаните, но и дека таа лично е против нови рудници во државата.

„Ако можам денеска да го изнесам мојот личен став, јас сум исто така против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој е земјоделски крај каде што треба да се развива земјоделието“, рече Шукова, по промоцијата на новиот Национален катастар за подземни води.

Екологистите бараат одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во овој, како што велат нелегален процес на спојување на концесиите.