Кина обвинета за хакирање меилови на американската влада

Хакери со седиште во Кина добија пристап до сметките за е-пошта на околу 25 организации во САД, вклучително и владини агенции, вели Мајкрософт.

Софтверскиот гигант не даде детали за локацијата на владините агенции, но американското Министерство за трговија потврди за Би-Би-Си дека Мајкрософт го информирал за нападот.

– Мајкрософт го информираше Министерството за компромисот со неговиот систем Office 365, а Министерството веднаш презеде акција за да одговори – изјави за Би-Би-Си портпаролот на Министерството за трговија на САД, додавајќи:

„Ги надгледуваме нашите системи и веднаш ќе реагираме доколку се открие каква било дополнителна активност.

Американските медиуми објавија дека цел на хакерите бил и Стејт департментот. Сепак, американскиот Стејт департмент не одговори веднаш на барањето на британската служба за коментар.

Кинеската амбасада во Лондон изјави за Ројтерс дека тврдењето е „дезинформација“; и ја нарече американската влада „најголемата светска хакерска империја и глобален сајбер крадец“.

Мајкрософт соопшти дека хакерската група со седиште во Кина – која ја нарекува Storm-0558 – добила пристап до сметките за е-пошта со фалсификување токени за дигитална автентикација што ги бара системот. Токените обично се користат за да се потврди идентитетот на една личност.

„Storm-0558 првенствено е насочена кон владините агенции во Западна Европа и се фокусира на шпионажа, кражба на податоци и пристап до ингеренциите“, соопшти компанијата основана од Бил Гејтс, додавајќи дека истрагата открила дека прекршувањата започнале во средината на мај.