Членовите на Вагнер ни предадоа тенкови, ракети и друго тешко оружје

Платеничката група Вагнер му предала на руското Министерство за одбрана огромни количини тешко оружје, воена опрема и илјадници тони муниција.

„Вагнеровците“ ги предале дури и своите тенкови Т-90 и Т-80, повеќецевни ракетни фрлачи и разновидна артилериска опрема, објави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков.

Дополнително, предадени се над 2.500 тони разновидна муниција и 20.000 огнено оружје. Објавена е и снимка од тоа оружје. Целата воена опрема ќе биде сервисирана и употребена е пораката од министерството.

Министерството за одбрана соопшти дека трансферот на оружјето се одвива „во согласност со планот“. Многу работи за спроведувањето на договорот остануваат нејасни, вклучително и каде се наоѓа Пригожин.

Кремљ оваа недела призна дека Путин се сретнал со Пригожин на 29 јуни, пет дена по бунтот. Податоците за следење на летот покажаа дека авионот поврзан со Пригожин тргнал од Москва за Белорусија во вторникот вечерта, но не е јасно дали тој бил во авионот.

Неизвесност ја опкружува и иднината на деловната империја на Пригожин во Русија и обемните операции на Вагнер во делови од Блискиот Исток и Африка, вклучувајќи ги Сирија, Мали и Централноафриканската Република. Пригожин тврдеше дека бунтот немал за цел да ја собори владата, туку да ги „изведе пред лицето на правдата“ министерот за одбрана и началникот на Генералштабот за нивните грешки.