Со состаноци во надлежните Министерства, со препораки до граѓаните за заштита, но и со специјални простории со клима уреди од општините, Грција се подготвува за топлотниот бран „Клеон“ што ќе ја зафати земјата и се очекува, според прогнозите, во периодот од петок до недела температурите да бидат од 42 до 44 степени Целзиусови, јави дописничката на МИА од Атина.
По состанокот во Министерството за труд и социјала на Грција, беше упатена силна препорака до работодавците во периодот меѓу 12 и 17 часот да се намали обемот на работа и/или да се прекине за оние кои работат на отворено или се изложени на високите температури.
Луѓето се охрабруваат да работат од дома ако е можно. Од работодавците беше побарано да не бараат од нивните работници да вршат тешка физичка работа на отворено.
Метеоролозите сѐ уште не можат да кажат колку долго ќе трае топлотниот бран. Сепак стравуваат дека високите температури би можеле да траат и до 10 дена. Опасноста од шумски пожари во моментов не е голема, бидејќи до пред неколку недели често во Грција врнеше силен дожд.