Вардар повторно ќе игра во Европа

Добрата вест за македонскиот ракомет е што во групата квалификанти е сместен и РК Вардар, кој изминативе години не играше во Европа поради долговите кои ги остави претходното раководство. Црвено-црните дури и како двојни европски шампиони се сместени во полошиот по квалитет барабан и за противници ќе очекуваат екипи како Рајн Некар Левен (Германија), АБЦ Брага (Португалија), Гранолерс (Шпанија), Винтетур (Швајцарија) и Иштад (Шведска). Елиминациските натпревари ќе се одиграа на 26/27 август односно на 2/3 септември, а ждрепката е закажана за 18 јули во Виена.

Македонскиот вицешампион, екипата на Алкалоид, пак, се најде меѓу сигурните учесници во групната фаза, а на ждрепката закажана за 21 јули исто така во Виена ќе се најде во вториот барабан. „Фармацевтите“ ќе се најдат во една од осумте групи со по четири екипи, кои мечевите ќе ги играат од 17 октомври до 5 декември. Најдобрите 16 тима, по два од секоја група, продолжуваат во главната-фазата, која ќе биде поделена на четири групи со по четири тима и со дополнителни четири меча за секој состав во периодот од 13 февруари 2024 до 5 март в година. Првопласираните две екипи од секоја група продолжуваат во четвртфиналето.