Општина Аеродром, утрово испрати соопштение до медиумите во кое бара Град Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ итно да изнајдат решение за собирање на сметот во општината. Барањето доаѓа по реакцијата на граѓаните кои живеат во оваа, но и во другите скопски општини, за преполните контејнери и неработењето на градските комунални служби.
Од општината велат дека обврска и одговорност на секој менаџер, вклучително на директорите на јавните претпријатија и градоначалникот на Град Скопје е да воспостават и одржуваат систем за соодветно менаџирање на ресурсите со кои располагаат и на таков начин да обезбедат квалитетна услуга за граѓаните.
„Делот на хигиената во Скопје кој е во надлежност на градските служби подолг временски период е во лоша состојба, а изминатите неколку денови, за жал градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ не успеа да најде начин како да го менаџира системот на одржување на чистата животна средина. Насекаде гледаме полни контејнери, а сите ние, граѓаните ја трпиме штетата од, неумесното и неодговорно менаџирање со јавното претпријатие“, се вели во сооопштението од Општина Аеродром.
Тие велат дека преполните контејнери смет и мирисот кој се шири во општината е одговорност на Град Скопје и градското комунално претпријатие и апелираат до надлежните, да ја тргнат политиката на страна и итно да изнајдат соодветно решение за собирање на сметот во општина Аеродром.
Дел од вработените во „Комунална хигиена“ протестираат, а хигиената во Скопје е на многу лошо ниво. Директорката Косана Мазнева вчера рече дека група контролирана од политичка партија ја блокира „Комунална хигиена“ и спречува да се собира ѓубрето.