На вчерашниот протест на пазарџиите некои од трговците на Зелениот пазар во Скопје ги напуштија местата каде што работат и излегоа на штрајк.
Причината е покачувањето на цената за кирија на тезгите. Наместо 250 денари дневно, тие бараат да плаќаат 150 денари, како што било претходно.
Ја повикаа Финансиската полиција и УЈП да извршат инспекција, бидејќи како што велат, никогаш не се вршат контроли. Еден од пазарџиите вели дека работат во услови полоши од тие на коњите и дека мораат да плаќаат повеќе отколку што заработуваат.
Пред се тие бараат цената да биде еднаква за сите, бидејќи велат дека некои трговци плаќаат повеќе, а некои помалку. Со еден збор, го повикуваат институциите да реагираат.
Трговците велат дека уште во јули месец се обратиле со жалба до Трговската групација, меѓутоа од таму им одговориле “крадете и вие“.
Останатите трговци продолжија со работа. Оние кои не се приклучија на штрајкот не сакаа да коментираат за плаќањето на тезгите.
Од Управниот одбор на АД Скопски Пазар велат дека на 7 ноември 2019 е одреден новиот ценовник кој според нив не дозволува манипулации за плаќањето на тезгите.
Трговците за медиумите рекоа дека им се заканиле дека ќе им ги одземат тезгите доколку излезат на штрајк. Тие велат дека управата на Зелен пазар ги набљудува постојано и дека ги фотографирале сите кои се придружиле на штрајкот. Инаку трговците оваа година неколку пати протестираа бидејќи според новиот закон се предвидуваше да плаќаат и лиценци , нешто што потоа се укина.