Блиску сме до изнаоѓање решение со синдикатите и ако се продолжи со овој интензитет на преговори, за неколку денови ќе се заокружи ова прашање, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА.
Бесими е директно вклучен во преговорите со синдикатите кои бараат зголемување на платите во јавниот сектор.
Бесими изминатава недела, пред средбата со синдикатите во рамките на Економско-социјалниот совет, рече дека барањата на јавниот сектор и синдикатите се легитимни затоа што тие се борат за одржување на животниот стандард што го имале пред инфлацијата.
Тој вели дека разговорите што ги имаат со синдикатите се во тек, но, дека не може сите аспекти во детали да ги објави затоа што, како што рече, не се целосно усогласени, но според него ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто-плата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по средбата со министерот Бесими рече дека има посериозни доближувања кон нивните идеи и она што Министерството за финансии и Владата можат да го понудат во поглед на нашите барања за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор.
В понеделник се очекува претставниците на синдикатите повторно да имаат средба со владините претставници, а дотогаш она што било разговарано на Економско-социјалниот совет, како што посочи Трендафилов, треба да биде пренесено на органите и телата на синдикатите со цел да одлучат дали е прифатливо за нив и за вработените во јавниот сектор.
Трендафилов не даде одговор колкав процент зголемување на платите им бил понуден велејќи дека се блиску до она што е разговарано и, како што рече, доколку се направат пресметките правилно, ќе се задоволат сите страни.