Ѓоковиќ убедлив против Вавринка

Станислас Вавринка два сета не беше ниту блиску до нивото на Новак Ѓоковиќ и за нешто повеќе од еден час игра на семафорот стоеше 2:0, но дури откако губеше со 6:3 и 6:1, искусниот Швајцарец успеа да го пронајде својот најдобар тенис.

Популарниот Стен понуди добра битка во третиот сет и се избори за тајбрејк, но иако поведе во овој дел од играта со 5:3, Ноле со четири поени во низа го заврши мечот.

Ѓоковиќ беше побрз од „полицискиот час“ во Лондон и спречи продолжување на мечот наредниот ден, со што само ја оправда фаворитската улога која Вавринка му ја предаде уште пред почетокот на дербито на денот.

Швајцарецот говореше за огромните квалитети на Новак пред мечот, а продолжи во тој стил и по поразот од 3:0 во сетови.

– Ова беше тежок меч за мене, онака како што очекував. Ѓоковиќ е најдобар на светот. Можно е да загуби од некого, во еден меч може се да се случи, но ќе бидам шокиран ако тоа се случи овде на Вимблдон. Навистина е тешко да се игра против него на трева, на крајот морам да бидам задоволен од нивото кое го прикажав.

– Се на се, далеку сум од неговото ниво на игра во овој момент, но и покрај тоа бев фокусиран на својата игра. Пробав да одиграм најдобро што можам, но тоа не беше доволно. Направив две неизнудени грешки по ред во тајбрејкот и тоа не беше добар момент за такво нешто. На крајот, беше фантастично да се игра на централниот терен во ноќен термин против Новак. Позитивен турнир за мене во секоја смисла, – изјави Стен.