Потпишан договор за странска инвестиција со најголемата софтверска компанија од Бугарија

Најголемата софтверска компанија од Република Бугарија, „Скејл Фокус“, во наредните 5 години е подготвена да инвестира околу 45 милиони евра, и тоа повеќе од 34 милиони евра во плати за повеќе од 300 работни места, повеќе од 6 милиони евра во давачки за Буџетот на Северна Македонија, повеќе од 3 милиони евра за закупнина на деловен простор, и повеќе од 2 милиони евра за обука и развој на вработените, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на церемонијата на потпишување на државен договор за поддршка на оваа инвестиција во нашата земја.

Во своето обраќање по тој повод, премиерот Заев нагласи дека компанијата има намера активно да соработува со локалните организации, универзитети и компании, за придонес во развојот на информатичката и дигиталната технологија.

Софтверските решенија на „Скејл Фокус“ ќе се интегрираат во постоечките водечки продукти на познатите компании како што се „Ај-Би-Ем“, „Оракл“, „Мајкрософт“, „Апиан“ и други глобални компании. Техничкиот центар на оваа компанија во Скопје ќе биде продолжување и проширување на можностите на компанијата кој ќе биде организиран и управувам според најдобрата пракса на софтверската индустрија во светот. Инвестицијата на „Скејл Фокус“ ја прави Северна Македонија важно место на мапата на софтверската индустрија и на информатичката технологија“, нагласи премиерот Заев.

Пламен Цеков извршен директор на „Скејл фокус“ по потпишувањето на договорот рече дека причината да инвестираат во Северна Македонија е во огромниот потенцијал и талентираните млади луѓе од сферата на информатичките технологии.

„Сега имаат можност се вклучат во ИТ индустријата  на глобален план и преку високи плати да го изградат столбот на средната класа. Притоа да останат во својата земја а да работат на европски проекти и плати. Со тоа сметаме дека ќе помогнеме дека Северна Македонија да оди побрзо на својот пат кон Европската Унија“, рече сопственикот и главен извршен директор на компанијата, Цеков.