Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ обвини дека последните случувања во судството уште еднаш ја покажуваат потребата од прочистување на правосудниот систем.
Граѓаните се сведоци на постојани обиди за одлагање на предметот ТНТ, кој е во завршна фаза и треба да добие судска разрешница, рече Костадинов.
Денеска беа објавени информации со најави дека Апелациониот суд укинува затворски пресуди против обвинети во предмети на СЈО.
Тој потсети дека јавноста знае за информациите дека поранешниот претседател на Врховен суд држел десетици предмети во фиока.
Според него се потврдува дека неопходен е процес на целосно прочистување на судскиот систем. Мора да се направи целосна разлика помеѓу оние кои ја извршуваат и оние кои ја попречуваат правдата.
Тој ја повикува Државната комисија за спречување на корупцијата, веднаш да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, а Судскиот совет мора да ја оцени одговорноста на судиите за застарување на предметите.
Исто така ја повика и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судските случаи за корупција и политички криминал.
Мора да се расчистат последните остатоци од заробената држава и режимот кои се се уште присутни во судството. Пред граѓаните се заложивме за правда и тоа заедно со граѓаните ќе го обезбедиме, истакна Костадинов.