Повеќе од 150 луѓе се уапсени по втората ноќ нереди и насилства во Франција, кои уследија по смртта на 17-годишен возач, кој беше убиен од полицијата при рутинска сообраќајна контрола. Нахел М., кој имал потекло од северна Африка, бил застрелан од полицијата во париското предградие Нантер откако одбил да застане и продолжил да вози.
Нантер беше во центарот на нередите и ноќеска, каде што демонстрантите палеа возила и ја гаѓаа полицијата со пиротехника. Во исто време, полицијата се судри со демонстрантите во Лил, Тулуз, Амиен, Дижон и други градови.
Француските медиуми известија за инциденти на разни локации во поширокиот регион на Париз, при што се фрлаше пиротехника кон локални општински згради.
Hauts de Seine : Un tramway de la ligne 6 incendié à Clamart#Nanterre pic.twitter.com/nEBSac79fA
— Réalité Actuelle (@ReaActuelle) June 28, 2023
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно го опиша убиството на тинејџерот како необјасниво и неоправдано. Еден полицаец се наоѓа под истрага за убиство, додека обвинителството кажа дека убиениот не ја почитувал наредбата да го запре својот автомобил.
„На снимката од инцидентот јасно се гледа како полицаец убива 17-годишно момче. Јасно се гледа дека пукањето не е во согласност со правилата“, изјави адвокатот на семејството на Нахел.