Ѓорчев: СДСМ и Мила Царовска го блокираат зголемувањето на пензиите

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев денес одржа прес конференција посветена на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието, на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и на она што е многу важно за стотици илјади граѓани на Македонија, а тоа се пензиите.

Ѓорчев со жалење потенцираше дека утрово, пратениците на СДСМ, односно ниту еден од пратениците од СДСМ, но и министерката Мила Царовска, не присуствуваа на седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Со тоа како што рече тој, имаме кочење на зголемувањето на пензиите за пензионерите.

Денес ова утро видовме како Мила Царовска, пратениците на СДСМ и СДСМ како партија го блокираат зголемувањето на пензиите за пензионерите, рече Ѓорчев.

Ова утро имавме закажано Комисија за труд и социјална политика во 10 и 30 часот. Ниту еден пратеник од СДСМ не беше присутен. Дури во 11 часот една пратеничка на СДСМ дојде и кажа ајде да почнуваме со работа. Како да почнеме со работа кога немаме кворум, како да почнеме со работа кога ниту еден пратеник на СДСМ не беше присутен, како да почнеме со работа кога го блокираат зголемувањето на пензиите со доставени 200 закони во овие две недели, истакна тој.

На крајот ја повика министеркта Мила Царовска, пратениците на СДСМ да не го блокираат зголемувањето на пензиите. Се работи за важно зголемување, се работи за пари и средства кои што ги очекуваат пензионерите и се работи за несериозност на СДСМ, рече Ѓорчев.

Пратениците на СДСМ треба да дојдат на нивното работно место. Ај што не се јавуваат за збор, ај што молчат, ај што имаме десетици пратеници од СДСМ кои што година дена еднаш немаат земено збор во ова Собрание, барем нека дојдат и да ги поминеме законите како што е овој за зголемувањето на пензиите, заврши Ѓорчев.