Сашко Коцев со стенд-ап на „Гола месечина“

Аеродромци вчеравечер покажаа масовна посетеност на претставата „Страданијата на првата брачна ноќ на Миле Султан“ од Србија, со која и официјално се отвори десеттото издание на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

На програмата за денес е стенд-ап изведбата на популарниот Сашко Коцев, а во сабота и недела граѓаните ќе можат да ги проследат Театар провокација со претставата „Разведи ме“, како и стенд-ап изведбата на популарните Тино и Атанас. Театарските претстави се изведуваат на фудбалското игралиште во „Реонски центар“, во непосредна близина на ООУ „Александар Македонски“ и тие започнуваат од 21 часот, а влезот е бесплатен. Остануваат уште три дена од годинешната „Гола Месечина“, ги покануваме граѓаните да дојдат навреме и да го обезбедат своето место за комичните изведби кои преостануваат до крајот на фестивалот, се вели во соопштението од Општина Аеродром.